ГОЛЕМА АКЦИЈА НА МВР: Се апсат лица поврзани со убиствата на членови на клановите Беланоца и Барон
21/05/2025 10:51
Под раководство на предметниот обвинител што постапува во предметот под кодно име „Бункер“, единиците на МВР од рано утринава вршат претреси на пет локации во Скопје. Акцијата е резултат на обезбедени докази во рамките на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група „Беланоца-Барон“.
Утринава е забележано големо присуство на полицијата низ улиците на Скопје.
Според нашите информации се вршат претреси во поголем број на објекти во кои живеат лица поврзани со тешки кривични дела меѓу кои и со убиството на Пластичарска улица со кое во Мај 2024 беше убиен Амар Исмани, а две лица беа тешко ранети, како и убиството на Орхан Бајрами Оки, кој беше убиен на 15 јули 2023 година во луксузна вила во Ханиоти, Халкидики, Грција.
Според тогашните информации, двајца маскирани напаѓачи влегле во апартманот каде што престојувал Бајрами и отвориле оган, при што биле испукани 19 куршуми. Бајрами почина на лице место, додека неговиот пријател беше сериозно повреден, но истиот преживеа. Дали со последната акција се комплетира целиот мозаик од случајот со убиството на Орхан Бајрами но и убиството на Амар Исмани, за кои веќе има и други лица кои се под истрага и во затвор.





