Голема акција „Филтер“: 13 приведени, над 20 претреси за шверц на цигари вреден милиони евра
24/09/2026 10:14
Голема полициско-царинска операција под кодно име „Филтер“ се спроведува утрово во повеќе градови низ Македонија. Досега се приведени 13 лица, а претреси се вршат на повеќе од 20 локации.
Акцијата е насочена против организирана група осомничена за шверц на големи количини цигари.
Претресите се вршат во Гевгелија, Валандово, Струмица, Дојран, Велес и Скопје.
Во истрагата се опфатени шпедитерски, транспортни и увозни компании, физички лица, но и полициски и царински службеници.
Сомнежи за избегнати давачки од неколку милиони евра
Според досега објавените информации, истрагата открила повеќе случаи на организиран шверц на цигари.
Сомнежите се дека преку ваквиот систем биле избегнати царински и други давачки во вредност од неколку милиони евра.
Акцијата ја спроведува Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги и Одделението за истраги.
Во операцијата се вклучени и Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Подолг период се работело на случајот
Според информациите на „Скопје1“, институциите подолг период ја следеле групата и нејзиното работење.
Се истражува дали постоел организиран систем во кој биле вклучени повеќе компании и службени лица.
Во текот на утрото продолжуваат претресите и другите истражни дејствија.
Надлежните институции треба дополнително да соопштат за што конкретно се сомничат приведените и кои кривични дела ќе им бидат ставени на товар.
Неодамна имаше и друга акција со царински службеници
Само два дена претходно беше спроведена и одделна акција за криумчарење лекови, суплементи и други стоки.
Во тој случај беа приведени шест лица, меѓу кои и царински службеник, а беа одземени пари, цигари, лекови и други предмети.
Операција „Филтер“ сè уште трае, па се очекува бројот на приведени и осомничени да биде дополнително прецизиран.





