Од притвор до слобода: Апелација го ослободи Салиу, и покрај барањето на обвинителството
24/05/2025 16:11
Штипскиот Апелациски суд донесе одлука за пуштање од притвор на Шабан Салиу, осомничен во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, потврдија за „МК Информер“. За разлика од претходните случаи кога ослободувањето беше предложено од Обвинителството, овојпат тие сè уште немаат добиено судско решение за одлуката.
Во меѓувреме, Салиу е веќе на слобода. Како мерка на претпазливост му е одземен пасошот и има обврска да се пријавува двапати неделно во Основниот кривичен суд во Скопје. Исто така, му е изречена забрана за контакт и приближување до сведоци, вештаци и оштетени лица во предметот.
„МК Информер“ дојде до увид во одлуката на Апелација – според неа, Вишото јавно обвинителство од Штип побарало Салиу да остане во притвор во затворот во Куманово.
Адвокатот на Шабан Салиу, Шенај Османов, побара ослободување на својот клиент од притвор поради неговата лоша здравствена состојба, но и потребата да се грижи за сопругата, која, според него, има сериозни здравствени проблеми, влошени и поради лишувањето од слобода на Салиу.
Во своето образложение, бранителот истакнал дека Салиу е неосудуван, има стабилен семеен и професионален статус, и во моментот извршува јавна функција како министер без ресор во Владата. Посочено е и дека обвинението не е поддржано со конкретни докази кои би се поврзале со неговите службени овластувања во периодот кога бил директор на Дирекцијата за заштита и спасување (2012–2017). Според адвокатот, Салиу немал ингеренции врз објекти како дискотеката „Пулс“, бидејќи не бил надлежен за увид, контрола или технички прием на дивоградби.
Апелациониот суд во Штип прифати дека одлуката за притвор не е доволно основана. Судиите оцениле дека судот од пониска инстанца не ги разгледал доволно можностите за примена на поблаги мерки. Во одлуката стои дека Салиу е лице родено во 1961 година, има семејство и цврсти врски со заедницата, не е осудуван и нема други постапки против него. Нема доказ дека патувал во странство, а ризикот од бегство се смета за минимален.
Поради тоа, судот оцени дека безбедноста на постапката може да се обезбеди со поблаги мерки: забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патни исправи и обврска двапати неделно да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје.
Одлуката ја донеле судиите Мирјанка Гоцевска Стефановска, Ѓорѓи Андонов и Весна Димитриевска Накова.






