MKinformer

your daily dose of news

АРСОВСКА ПРЕД УСТАВЕН СУД ГО ЧЕКАШЕ ИСХОДОТ ОД РАСПРАВАТА ЗА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ДУП-ОТ Ц3 16 ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

28/05/2025 14:32

Уставниот суд денеска ќе одлучува по иницијативата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, со која се оспорува одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт С3 16 во Општина Ѓорче Петров. Арсовска тврди дека планот е во спротивност со уставниот принцип на владеење на правото.

Во иницијативата се посочува дека одредбата со која се предвидува ДУП-от да стапи во сила веднаш по донесувањето – пред негово објавување во Службениот гласник на Општината – е спротивна на Уставот, Законот за локална самоуправа и Статутот на општината. Дополнително, се нагласува дека документот не е објавен на веб-страницата на Општина Ѓорче Петров, што го прави формално невалиден и спротивен со Законот за урбанистичко планирање.

Арсовска укажува дека постапката за донесување на ДУП-от не ја почитувала законската процедура, не се прифатени стручните мислења, ниту е обезбедено позитивно мислење од Град Скопје. Како резултат на тоа, спорниот ДУП не е усогласен со Генералниот урбанистички план (ГУП) на Скопје 2012–2022, и неговата примена би можела да предизвика еколошки и безбедносни ризици за граѓаните.

Дополнително, во иницијативата се вели дека планот предвидува промена на намената и регулацијата на просторот, што отстапува од дозволените законски рамки – особено со предвидената изградба која ги надминува законските ограничувања за 2%. Особена загриженост предизвикува вклучувањето на индустриски капацитети од хемиската индустрија и прекумерната висина на објектите, што, според Арсовска, претставува закана за животната средина и нарушување на темелните уставни вредности за хумано уредување на просторот и негова заштита.

Градоначалничката Данела Арсовска најави дека денеска ќе оди пред Уставен суд, додека Судот одржува седница на која на дневен ред е иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 на Општина Ѓорче Петров, донесена во февруари 2024 година на вонредна седница, која Арсовска ја оспорува.

error: Содржината е заштитена од копирање !!