Костадиновски: Уставниот суд остана цврст столб на правната држава и покрај притисоците
26/12/2025 16:14
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на годишната прес-конференција оцени дека Судот во изминатата година работел ефикасно, транспарентно и независно, нагласувајќи дека и покрај силните политички и општествени притисоци, институцијата останала стабилен чувар на Уставот и владеењето на правото.
Костадиновски истакна дека актуелниот состав на Судот покажал изразен судски активизам, за разлика од претходните периоди, воведувајќи значајни реформи и нов пристап во уставната правда.
„Судот не чекаше други да му ја завршат работата. Покажавме дека правдата не смее да се одложува“, рече Костадиновски.
Тој посочи дека при одлучувањето за предмети од висок јавен и општествен интерес, како измените на Кривичниот и Изборниот законик, Судот за првпат ја оценувал не само материјалната, туку и формалната уставност, односно начинот и постапката во која законите се носат во Собранието.
Според него, Уставниот суд излегол од тесниот формализам и започнал примена на т.н. метаправни аргументи, оценувајќи ја легитимната цел, општествената оправданост, нужноста и пропорционалноста на законските решенија.
„Целта е да се унапреди уставно-правната култура, да се воспостави уставна дисциплина меѓу институциите и да се заштити балансот на власта“, нагласи Костадиновски.
Тој призна дека одлуките не секогаш биле прифатени со одобрување во јавноста, но потенцираше дека Судот останал лојален исклучиво на Уставот, без подлегнување на политички, партиски или економски влијанија.
Костадиновски упати апел до Судскиот совет и до Собранието итно да постапат за избор на нов уставен судија, како и до политичките актери да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура и воздржаност од етикетирања и притисоци.
Во однос на довербата на граѓаните, тој истакна дека во текот на годината се оформени рекордни 306 предмети, од кои најголем дел по иницијатива на граѓани, што, според него, е доказ дека Уставниот суд се доживува како правно засолниште.
Во текот на годината биле решени 230 предмети, меѓу кои и некои што датирале уште од 2017 година. Судот донел, како што рече, историски одлуки, вклучувајќи и поништување на законски решенија и постапување по чувствителни прашања поврзани со плати, пензии, верски училишта и употребата на јазиците.
Костадиновски најави дека ќе се работи на уставни измени со кои ќе се воведе уставна тужба и двотретински закон за Уставниот суд, како и можност за снимање и пренесување на седниците во живо.
„Тоа е најдиректниот начин граѓаните да ја разберат работата на Судот и да се врати довербата во институциите“, порача претседателот на Уставниот суд.





