MKinformer

your daily dose of news

Топлотен бран во земјава, лекарите со следниве препораки

08/06/2025 11:29

Со оглед на најавениот пораст на температурите ширум земјава, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со низа препораки за заштита од жештините. Граѓаните се советуваат да избегнуваат престој на сонце во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла, лесна и широка облека, капа со широк обод, како и очила за сонце. Престој во климатизирани простории исто така се препорачува каде што е возможно.

Особено внимателни треба да бидат најранливите групи: постарите лица над 60 години, децата, бремените жени, хронично болните, лицата со прекумерна телесна тежина, како и оние со ментални нарушувања или кои се подложени на посебни терапии.

ИЈЗ предупредува дека најголем ризик од здравствени проблеми имаат лицата кои работат или се задржуваат на отворено за време на најжешките делови од денот.

Доколку мора да сте надвор, се препорачува често одмарање во сенка, избегнување директно изложување на сонце и редовно внесување течности – особено вода, дури и кога не чувствувате жед. Никогаш не оставајте луѓе или животни во паркирани возила, па и за кратко. Освежување со млака вода или ладни облоги може да помогне, а хронично болните лица задолжително да ја следат препишаната терапија по консултација со својот лекар.

Според УХМР, денеска не очекува сончево и екстремно топло време. Минималните температури ќе се движат меѓу 11 и 19 степени, а максималните од 30 до 38. Во Скопје се очекува највисока дневна температура до 38 степени.

error: Содржината е заштитена од копирање !!