Здравствените власти со препораки за заштита од високите температури
27/06/2026 14:43
Надлежните здравствени институции апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури, со цел да се намали ризикот од здравствени компликации во текот на топлите летни денови.
Се препорачува да се избегнува престој на директно сонце и физичка активност на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, кога температурите се највисоки. Доколку престојот надвор е неопходен, граѓаните треба да прават почести паузи во сенка и да избегнуваат подолга изложеност на сонце.
Лесна облека, сенка и проветрени простории
Граѓаните треба да носат лесна и светла облека, капа и очила за сонце. Најголемиот дел од денот се препорачува да се поминува во климатизирани или добро проветрени простории.
Во домовите, прозорците и ролетните треба да бидат затворени преку ден, а да се отвораат навечер, кога температурите се пониски.
Вода во текот на целиот ден
Лекарите препорачуваат внесување доволно течности во текот на целиот ден, пред сè вода, без да се чека чувство на жед.
Треба да се избегнуваат алкохолни пијалаци, кофеин, многу ладни напитоци, како и тешка, мрсна и висококалорична храна.
Не оставајте деца, стари лица и миленици во возила
Посебен апел е упатен до граѓаните никогаш да не оставаат деца, стари лица или домашни миленици во паркирани возила.
Температурата во возилата за кратко време може опасно да се зголеми, дури и кога надворешната температура не изгледа екстремно висока.
Внимание кај хронично болните лица
На лицата со хронични заболувања, особено со кардиоваскуларни, белодробни и невролошки болести, им се препорачува редовно да ја земаат пропишаната терапија.
При каква било промена на здравствената состојба, тие треба веднаш да се консултираат со својот матичен лекар.

![Дoнeceни нoви мepки пo нajaвaтa зa тoплoтeн бpaн – oвиe кaтeгopии лицa ce ocлoбoдyвaaт oд paбoтa oд yтpe toplo-vremeeeee-650x396[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/toplo-vremeeeee-650x3961-1.jpg)


