Дали е координиран Гувернерот со Владата? Трајко Славески контра Владата
12/06/2025 18:51
Што ако го немаше британскиот кредит – како би функционирале Бехтел и Енка?
Новоназначениот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, во гостувањето на „Бизнис 21“ изјави дека реалната цена на автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“ би можела да надмине 5 милијарди евра. Но, наместо да настапи како стручен глас кој навреме предупредува, тој звучеше како некој што дури сега, откако штетата е направена, се осмелува да проговори.
„1,3 милијарди евра е само номиналната вредност. Реално, според моите пресметки, сумата ќе се искачи трипати повеќе – над 5 милијарди евра. Верувајте ми“, рече Славески.
Официјалниот договор предвидува изградба на 110 километри автопат за 1,3 милијарди евра – повеќе од 12 милиони евра по километар. Но, ако проценките на гувернерот се точни, цената ќе достигне неверојатни дури 35 милиони евра по километар – износ кој е несразмерен дури и според критериумите на најбогатите земји.
За што всушност плаќа Македонија? За два автопати – делови од Коридор 8 (Тетово–Гостивар–Кичево–Струга–Ќафасан) и од Коридор 10-д (Прилеп–Битола) – но под услови што сè уште не се јасни. Ниту јавноста, ниту експертите имаат увид во анексите, роковите, казнените клаузули или дополнителните трошоци.
Една од најголемите контроверзии, која властите постојано ја негираат, е сомнежот дека дел од британскиот заем од 6 милијарди евра ќе заврши токму кај „Бехтел и Енка“. На директно прашање дали тие пари ќе се користат за финансирање на проектот, Славески одговори со прашање:
„Па од каде ќе ги платиме? Од буџетот? А буџетот од каде ќе го полниме – од воздух?“
Преведено: граѓаните ќе плаќаат – преку буџетот, преку нови долгови или преку кратење на основни јавни услуги. Од Министерството за финансии тврдат дека проектот ќе се финансира од буџетот и дека британското партнерство не подразбира директна буџетска поддршка. Но досега нема јасно објаснување каде точно ќе завршат средствата од овој огромен кредит.
Наместо навреме да реагира, да постави ограничувања или барем да ја информира јавноста за ризиците, гувернерот сега глуми загриженост. А каде беше додека се потпишуваа договорите? Зошто тогаш не алармираше? Сега, неговите изјави изгледаат како обид за перење совест, а не како институционална одговорност.
Во меѓувреме, граѓаните живеат со распаднато здравство, уништено образование, ниски плати и масовна емиграција. А наместо инвестиции во домашната економија, државата се задолжува за контроверзни проекти со нетранспарентни услови, договорени без јавна дебата или професионална ревизија.
Македонија не гради автопати – гради долгови. Не инвестира во иднината – ја заложува.





