СРБИТЕ ГО ОДБЕЛЕЖУВААТ ВИДОВДАН: ЕДНИТЕ СЛАВАТ, ДРУГИТЕ НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТИ
28/06/2025 8:56
Во Србија денес се одбележува Видовден, а денот е исполнет со повеќе настани, меѓу кои протест на студентите во блокада во Белград, книжевна вечер пред Парламентот, доделување државни признанија и свечена седница на Владата во Крушевац.
Студентското движење „Студенти во блокада“ го најави протестот под мотото „Се гледаме на Видовден“, кој ќе започне во 18:00 часот на плоштадот Славија во Белград и официјално ќе трае до 21:00 часот. Во пресрет на протестот, тие испратија два ултиматума до српската влада – распишување вонредни избори и запирање на собирот во Пионирскиот парк, со рок за исполнување до 21 часот.
Во отворено писмо, студентите најавија масовна поддршка од граѓаните, додавајќи дека не можат да гарантираат што ќе се случи по завршувањето на официјалниот дел од протестот.
На самиот настан ќе се делат флаери со QR код што води до онлајн анкета преку која граѓаните можат да се приклучат на мејлинг листата на движењето. Студентите истакнаа дека бараат избори на кои ќе можат да учествуваат, бидејќи не гледаат друг начин за демократски излез од кризата.
„По седум месеци борба, свесни сме дека сами не можеме да постигнеме промени. Затоа ќе ги повикаме сите што не поддржуваа досега да ни се придружат преку анкетата достапна и на нашата веб-страница ‘Студент во секое село’. Преку е-пошта ќе ги информираме граѓаните за идни активности и ќе ги повикуваме на учество“, порачаа организаторите.
Пред протестот на Славија, уште од 15:00 часот се најавени собири низ Белград, организирани од различни факултети и граѓански иницијативи. Се планира пристигнување на поддржувачи со автомобили од повеќе градови, а ситуацијата со железничкиот сообраќај е неизвесна, откако „Србијавоз“ го прекина сообраќајот поради дојава за бомби на сите пруги.
Во текот на ноќта, дел од прозорците на Сообраќајниот факултет беа искршени од непознати лица.
Во кампот на студентите што се залагаат за образование во Пионирскиот парк, се планира книжевна вечер, за која засега не е објавено точното време, но поставувањето на сцената започна синоќа пред Парламентот.
Во 10 часот, во Палатата на Србија, претседателот Александар Вучиќ ќе додели државни награди по повод празникот, а во 11 часот Владата ќе одржи свечена седница во Крушевац, по што во 12 часот ќе следува државна церемонија.
Вучиќ синоќа изјави дека „Србија не прифаќа ултиматуми“, велејќи дека тоа не е првпат странски сили да се обидат да влијаат врз Србија преку домашни поддржувачи. „Одговорот на државата останува ист – ултиматумот не се прифаќа“, истакна тој.
Властите уверуваат дека ќе спречат какви било обиди за насилство на протестот. Изминатите два дена беа приведени седум лица под сомнение за планирање немири и загрозување на уставниот поредок – петмина се во притвор, а двајца во домашен притвор.






