MKinformer

your daily dose of news

Масовни евакуации на Крит поради пожар

03/07/2025 9:41

Голем пожар во Грција продолжува да беснее надвор од контрола во источниот дел од островот Крит, откако избувна вчера попладне во тешко пристапна шумска област во близина на општината Иерапетра.

Проблем прават и силните ветрови, кои предизвикуваат брзо ширење кон југ и закана за станбени згради, туристички сместувачки капацитети и клучна инфраструктура, вклучително и бензинска пумпа.

Според службите за итни случаи, пожарот моментално се шири на најмалку 6 километри, што го отежнува неговото локализирање. Густ чад зафатил пошироко подрачје, а видливоста на некои места била намалена на речиси нула.

Чадот се проширил до плажата Макри Џалос, на 10 километри од Ахлија во регионот Ласити, каде што пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот.

Главниот пат во близина на населбата Агија Фотија е затворен за сообраќај, а полицијата ги повика жителите и туристите да избегнуваат секакви непотребни патувања поради исклучително лошиот квалитет на воздухот, екстремната топлина и пепелта што паѓа од небото.

Во населбата Агија Фотија, куќите и објектите за изнајмување беа уништени, а локалните извори наведуваат дека областа останала без електрична енергија. Најмалку четири постари лица беа однесени во болница со проблеми со дишењето предизвикани од вдишување чад.

Здравствените власти ги ставија сите болници на Крит во состојба на готовност. Властите наредија масовна евакуација на хотелите, приватните сместувачки капацитети и куќите во општината Ферма, бидејќи пожарот се приближува кон областа. Операцијата се спроведува со поддршка на пожарникари, полиција и локални волонтери.

error: Содржината е заштитена од копирање !!