Жителите на Водно трет ден без вода, жителите апелираат: Имаме деца, стари, болни!
08/07/2025 9:15
Жителите на повисоките делови од скопската населба Водно веќе трет ден се без вода, додека температурите во градот надминуваат 40°C. Во писмен апел до медиумите, тие бараат јавноста да биде информирана за, како што велат, условите во кои живеат – без можност за пиење, лична хигиена и одржување на домаќинствата.
„Се обраќаме како жители на населбата Водно – симболично (иронично) наречена ‘елитна населба’, но очигледно само по цена на метар квадратен, не и по третманот што го добиваме како граѓани,“ се наведува во писмото.
Граѓаните објаснуваат дека, иако се приклучени на градската водоводна мрежа и редовно ги подмируваат своите обврски, се соочуваат со сериозен недостаток од вода. Како што посочуваат, одговорот кој го добиле од службите на ЈП „Водовод и канализација“ бил дека треба сами да се снаоѓаат, со упатување да земаат вода од цистерната поставена кај Турската амбасада.
Дополнително, им било речено: „Не можеме ние ништо, сè е до градската култура – сите жители треба да пазат да не прскаат толку за да имате вода вие горе.“
Жителите предупредуваат дека ова не е проблем на „елитата“, туку на обични семејства:
„Реалноста што ја живееме ние од Водно – не елитата со базени, туку семејства со деца, постари луѓе, болни, кои веќе три дена не можат ни да се измијат, ни да исперат, а камо ли да залеат некое невино цвеќе кое исто така умира од жед.“
Поради, како што велат, игнорантскиот однос на институциите, жителите најавуваат дека во текот на денешниот ден ќе ја радикализираат својата реакција, со привремено блокирање на сообраќајот во овој дел од градот, сè додека не добијат конкретни одговори и решенија.
Во меѓувреме, ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ објави дека, и покрај секојдневните апели и преземање мерки, продолжува енормно зголемената потрошувачка на вода, особено во попладневните часови.
„Потрошувачката во просек изнесува над 350.000 м³ дневно, што предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем. Како последица на сето ова, се соочуваме со прекини на водоснабдувањето на високите зони во делови од градот,“ се вели во соопштението. Од претпријатието додаваат дека стабилизирање на системот се очекува по 23 часот.
Водовод апелира до граѓаните на Скопје за совесно и рационално користење на водата, посочувајќи дека прекините се резултат на неконтролирано полевање на бавчи, перење возила и полнење базени.
Жителите на Водно, пак, порачуваат:
„Ние не бараме специјален третман – бараме третман каков што му следува на секој граѓанин на овој град. Имаме деца, стари и болни. Не е нормално во Скопје во 2025-та да се живее со канистри.“





