Уште еден град со небезбедна вода за пиење
23/07/2026 15:40
По Гостивар и Валандово, и Крушево со небезбедна вода за пиење
Жителите на Крушево се повикани да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење, откако анализите покажале дека таа е бактериолошки неисправна. Препораката ја објави Јавното претпријатие „Комуна“, повикувајќи се на информации од Центарот за јавно здравје – Прилеп.
За пиење се препорачува пакувана вода
Од ЈП „Комуна“ ги повикаа граѓаните до понатамошно известување за пиење да користат исклучиво пакувана вода.
Дополнително, при анализите на примероци земени на 20 јули е утврдено дека бактериолошки неисправна е и водата од двете крајпатни чешми, кај бензинската пумпа и кај „Св. Петка“.
„Исто така, при испитувањето на крај патните чешми бензиска пумпа и ‘Св. Петка’, земени на 20 јули, е констатирана бактериолошка неисправност и истите не смеат да се користат како вода за пиење“, соопштија од претпријатието.
Водата може да се користи само по превривање
Од претпријатието наведуваат дека водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, подготовка на храна, перење и миење садови, но само по превривање.
„Водата од градскиот водовод, како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење на садови, жителите можат да ја користат само после превривање од минимум 10 минути.“
Препораките остануваат до новите анализи
Во соопштението се наведува дека редовно се врши хлорирање на водата и секојдневно се контролира присуството на хлор.
„Препораките важат се до добивање на 3 (три) последователни исправни примероци од водата“, информираат од ЈП „Комуна“.
Оттаму додаваат дека Центарот за јавно здравје – Прилеп ќе продолжи да ја следи состојбата и навремено да ја информира јавноста.



