Албанија веќе не е со мнозинство муслиманско население, покажува пописот од 2023 година
09/07/2025 14:16
Според резултатите од последниот попис, муслиманите веќе не претставуваат мнозинство меѓу граѓаните на Албанија – првпат по повеќе од 200 години, пренесува „Индекс.хр“. Новите податоци покажуваат дека муслиманите сочинуваат 45,7% од населението, што претставува пад од над 30% во споредба со пописот од 2011 година.
Во истиот попис, муслиманите бекташи – кои припаѓаат на посебен суфиски исламски ред со корени од 13 век – се регистрирани како засебна религиозна заедница и опфаќаат 4,8% од населението. Иако имаат исламска основа, бекташите во Албанија се признаени како посебна верска група.
Христијаните, од друга страна, сочинуваат 15,6% од жителите – од кои 8,4% се католици, а 7,2% припадници на други христијански деноминации. Дополнително, 13,8% од населението се изјасниле само како верници без да наведат конкретна верска припадност, додека 3,6% се изјасниле како атеисти.
Овие резултати претставуваат важен пресврт во верската структура на земјата, која веќе долго време се карактеризира со нестабилна демографија.
Според „Турција тудеј“, Албанија во последната деценија загубила околу 15% од населението, главно поради масовна емиграција и намален наталитет. Младите Албанци сè почесто заминуваат во странство во потрага по подобри животни и економски можности.
Историски гледано, Албанија била католичка во раните векови по римското освојување, а во 15 век, со доаѓањето на Отоманската империја, станала преовладувачки муслиманска. Последниве децении, блискоста со Грција и културната размена довеле до повторен пораст на православното христијанство во земјата.
Дополнително, во 20 век, особено по Втората светска војна, Албанија стана комунистичка држава и речиси пет децении ја забрани религиозната практика. Религиозната слобода беше вратена дури по падот на комунизмот во 1992 година.
Покрај тоа, бегалскиот бран од Косово во 1999 година – кога по НАТО бомбардирањето од Југославија избегаа околу 500.000 етнички Албанци – дополнително ја оптовари економијата на земјата. И покрај одреден економски напредок, Албанија и натаму се соочува со висока невработеност и корупција, што ја обесхрабрува странската инвестиција.
Сепак, земјата добива сè поголемо внимание како туристичка дестинација, благодарение на природната убавина и пристапните цени. Видеа од националните паркови и водопади се вирални на социјалните мрежи, а Албанија често се нарекува „европски Малдиви“.





