MKinformer

your daily dose of news

Од денеска расчистување и уредување на просторот околу Скопското Кале

25/07/2025 12:46

Денес, во координирана акција на скопските општини Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Ѓорче Петров и Бутел, преку ЗЕЛС и во соработка со Министерството за култура, започнати се активности за расчистување и уредување на просторот околу Скопското Кале.

– Како скопски градоначалници не можевме да останеме глуви на повикот од Министерството за култура, кое веќе неколку месеци бара помош и поддршка за овој простор, но не доби соодветен одговор од ЈП Паркови и Зеленило и од Градот Скопје. Одлучивме заедно да преземеме иницијатива и да покажеме дека кога институциите соработуваат, може да се постигне многу, вели градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски.

Скопското Кале е едно од најзначајните историски и културни обележја на нашиот главен град. Тоа е симбол на историјата и идентитетот на Скопје, сведоштво за неговото минато и место кое секојдневно го посетуваат туристи, ученици и граѓани. Затоа, должност ни е да го третираме со внимание и почит.

– Срамна е сликата која туристите ја гледаат – запуштен простор, неуредена вегетација, отпадоци и занемарена околина. Тоа не е лицето што сакаме Скопје да го покаже пред светот. Затоа, оваа акција е само прв чекор – ќе продолжиме со координирани напори за трајно одржување и унапредување на овој значаен објект. Со здружени сили можеме да направиме многу за нашето културно наследство. Скопското Кале заслужува повеќе – заслужува грижа, внимание и континуирана поддршка, порача Стефковски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!