MKinformer

your daily dose of news

Моника Зајкова предлага, Македонија да ја одликува Словенечката евро пратеничка Ирена Јовева

17/07/2025 13:38

 

Лидерката на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, изрази благодарност до европратениците од групата на либерали „Renew Europe“ за нивната принципиелна поддршка на Македонија во Европскиот парламент. Таа порача дека тие не само што покажуваат разбирање за македонските предизвици, туку и активно се борат за заштита на нејзиниот идентитет и европска перспектива.

– Овие луѓе не се платени лобисти. Тие искрено веруваат во нашата кауза и безрезервно ја поддржуваат – изјави Зајкова за ТВ Сител. Таа информираше дека ЛДП веќе предложила до кабинетите на поранешниот и сегашната претседателка на државата да им се доделат признанија на европратеници кои гласно застанале зад Македонија.

Меѓу нив, како што посочи, се истакнува европратеничката Ирена Јовева – Словенка со македонско потекло, чиј настап во Европскиот парламент неодамна привлече големо внимание.

– Македонскиот народ не бара ничија дозвола за да постои. Но за да го признаете тоа, ви требаат чесност, интегритет и храброст – порача Јовева во својот говор.

Таа остро реагираше на обидите да се избришат формулациите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од извештајот на Европскиот парламент, оценувајќи дека таквите амандмани се обид за понижување на земја кандидат за членство. Јовева порача дека нема да поддржи такви промени и нагласи дека идентитетот на еден народ не може да биде предмет на политички трговии.

Според Зајкова, доделувањето на одликувања ќе биде симболичен, но важен гест, кој ќе ги зајакне односите со европските пријатели и ќе ја поттикне нивната заложба за поддршка на Македонија на европскиот пат.

error: Содржината е заштитена од копирање !!