Меџити се пофали: Медресата „Иса Бег“ станува дел од официјалниот образовен систем
19/07/2025 19:32
Од септември, медресата „Иса Бег“ ќе стане рамноправно средно училиште во образовниот систем на Северна Македонија, информираа од движењето ВЛЕН. По повеќе од четири децении функционирање надвор од законските рамки, оваа верска образовна институција конечно ќе добие официјално признание.
Владата го одобри Предлог-законот за верски училишта, со што, како што велат од ВЛЕН, се завршува едно долгогодишно институционално запоставување. Според нив, овој исчекор не е резултат на политички калкулации, туку на доследна работа во насока на правна рамноправност и почитување на уставните права на верските заедници.
„Ова ќе стави крај на долгогодишната дискриминација и ќе им овозможи на младите да продолжат со високото образование со дипломи што се правно валидни“, велат од ВЛЕН. Оттаму додаваат дека одлуката веќе предизвикала зголемен интерес за запишување во медресата и вратила доверба во институцијата.
Новиот закон е усогласен со Уставот и со важечките прописи, и е подготвен преку инклузивен процес што ги вклучил и релевантните државни институции и верските заедници. ВЛЕН најавува целосна поддршка за негово усвојување во Собранието и негова имплементација веќе од новата учебна година.
„Власта ја сфаќаме како доверена обврска пред граѓаните. Ќе продолжиме да се бориме за еднакви права и за афирмација на институциите кои се дел од албанскиот идентитет во Македонија“, порачуваат од ВЛЕН.






