Администрацијата на Трамп објави над 230.000 документи поврзани со убиството на Мартин Лутер Кинг
22/07/2025 22:28
Администрацијата на Доналд Трамп објави огромна архива од над 230.000 документи во врска со убиството на лидерот за граѓански права, Мартин Лутер Кинг Џуниор, во 1968 година, пренесува Њујорк Тајмс. Директорката на Националната разузнавачка служба, Талси Габард, изјави дека документите содржат информации за потенцијални траги, меморандуми од ФБИ, и детали за истрагите што се воделе низ годините, вклучително и меѓународната потрага по осомничениот Џејмс Ерл Реј.
Семејството Кинг реагираше со загриженост. Неговите деца, Мартин Лутер Кинг III и Бернис А. Кинг, предупредија против злоупотреба на документите за деградирање на угледот на нивниот татко, потсетувајќи дека ФБИ водело агресивна и инвазивна кампања на надзор врз него. Тие бараат досиејата да се гледаат во соодветен историски контекст и со почит кон семејната болка.
Наспроти ова, нивната внука Алведа Кинг изјави дека објавувањето е „историски чекор кон вистината“. Досега нема докази дека новите документи откриваат директна вмешаност на ФБИ во убиството, иако дел од семејството и други активисти сѐ уште веруваат дека Реј не бил вистинскиот убиец.
Објавувањето доаѓа во време кога се вршат притисоци и за обелоденување на досиејата поврзани со случајот на Џефри Епштајн. Трамп веќе нареди објавување на документи за убиствата на Кинг, Џон Кенеди и неговиот брат Роберт.
Иако судот претходно пресуди дека документи од ФБИ за надзор врз Кинг треба да останат тајни до 2027 година, не е јасно дали некој од тие материјали се најде меѓу сега објавените. Од порано е познато дека во 1964 година ФБИ испратило писмо до сопругата на Кинг со компромитирачки содржини, дело на тогашниот директор Џ. Едгар Хувер.
Во 1999 година, порота во Мемфис прогласи приватен угостител за виновен за вмешаност во заговор за убиството, во тужба покрената од семејството Кинг, што уште повеќе ја поттикна недовербата кон официјалната верзија на случајот.






