MKinformer

your daily dose of news

Зелен хуман град станува партија, Се очекува ли бран нови партии од граѓански иницијативи пред локалните избори?

23/07/2025 18:51

По најавата дека „Зелен хуман град“ ќе се трансформира во политичка партија, се поставува прашањето дали и други граѓански иницијативи и здруженија ќе го следат нивниот пример пред претстојните локални избори.

Од иницијативата велат дека ваквиот чекор е од технички причини, поради немање друг начин за настап на изборите, имајќи предвид дека големите партии не се договорија за промени во изборниот законик, а условот за собирање потписи е премногу строг, објаснува Горјан Јовановски. И покрај тоа, тие потенцираат дека немаат намера да коалицираат со политички партии, но не ја исклучуваат соработката со други граѓански организации. За сега, нивниот фокус останува на Град Скопје.

Од „Шанса за Центар“ велат дека ги разгледуваат сите опции. Ако не се промени изборниот модел, ќе мораат да најдат алтернативен начин за учество на изборите, имајќи предвид дека, како што велат, Собранието е пасивно по ова прашање.

Сличен став доаѓа и од „Независни за Карпош“, кои исто така размислуваат за поширока коалиција со други независни иницијативи, доколку Собранието не успее да постигне договор.

Спикерот на Собранието, Африм Гаши, неодамна изјави дека сè уште нема политички консензус за нов изборен модел, иако Уставниот суд веќе укина одредби кои им отежнуваа учество на независните кандидати. Гаши додаде дека условите за темелни измени во изборниот законик сè уште не се исполнети, но изрази надеж дека пратеничките групи по летната пауза ќе се фокусираат на оваа важна тема, со оглед дека изборите се закажани за октомври.

error: Содржината е заштитена од копирање !!