MKinformer

your daily dose of news

Денес се празнува Богородична Троеручица

25/07/2025 8:19

Чудотворната икона на Пресвета Богородица „Троеручица“ првично му припаѓала на свети Јован Дамаскин во VIII век. Тој живеел во Дамаск и бил службеник во Омејадскиот калифат. Кога во Источното римско царство се проширило иконоборството, Јован станал истакнат бранител на светите икони. Поради лажна клевета од иконоборниот цар Лав III, му била отсечена десната рака. По молитва пред иконата на Богородица, таа чудесно му ја излекувала раката, па од благодарност, Дамаскин ѝ додал сребрена дланка – по што иконата добила име „Троеручица“.

По неговото замонашување во лаврата на свети Сава Освештен, иконата била оставена како дел од заветот што свети Сава им го дал на монасите. Во XIII век, првиот српски архиепископ свети Сава ја добил и ја пренел во Србија, каде што била чувана од српските владетели. По турските напади, монасите ја поставиле на магаре, оставајќи ја на Божјата волја. Магарето стигнало до манастирот Хиландар на Света Гора, каде што иконата била свечено примена.

Подоцна, кога во манастирот настанал спор околу избор на игумен, иконата на чудесен начин самата се поставила на игуменскиот трон – трипати по ред. Оттогаш, Троеручица се смета за игуманија на Хиландар, а се избираат само проигумени. Монасите и денес земаат благослов од неа пред секоја служба.

error: Содржината е заштитена од копирање !!