MKinformer

your daily dose of news

Денес се одбележува Свети Сава, национален празник на Србите во Македонија

27/01/2026 10:14

Денес, граѓаните на Македонија од српска националност го одбележуваат националниот и духовен празник Свети Сава, посветен на една од најзначајните личности во српската историја, духовност и култура – Свети Сава.

По тој повод, вечерва во 19:00 часот во Скопје, во Македонски народен театар, ќе биде одржана Традиционалната Светосавска академија, во организација на Демократска партија на Србите во Македонија (ДПСМ) и Здружението на Србите во Македонија. Настанот традиционално ги обединува верските, културните и општествените аспекти на празникот и претставува централен дел од неговото одбележување.

Растко Немањиќ, световно име Сава, е роден во 1169 година како син на српскиот жупан Стефан Немања. Уште како млад се откажал од световниот живот и заминал на Света Гора, каде што се замонашил и целосно му се посветил на духовниот подвиг. По неговиот пример, и неговиот татко се замонашил под името Симеон.

Свети Сава издејствувал автокефалност на Српската православна црква и станал нејзин прв архиепископ. Заедно со татко му го подигнал манастирот Хилендар, кој станал духовно и културно средиште на српскиот народ, а подоцна иницирал изградба на бројни манастири, цркви и училишта.

Познат како миротворец, Свети Сава ги измирувал своите браќа околу власта, но и Србите со соседните народи. Двапати патувал на поклонение во Светата Земја. Се упокоил во Трново на 12 јануари 1236 година, а неговите мошти подоцна биле пренесени во манастирот Милешево. Во 1595 година, по наредба на Синан-паша, моштите биле запалени на Врачар во Белград – настан што дополнително го зацврстил култот кон Свети Сава.

Денес, празникот Свети Сава се одбележува како симбол на духовноста, образованието и националниот идентитет, а Светосавската академија во Скопје е еден од клучните настани со кои се оддава почит кон неговото дело и наследство

error: Содржината е заштитена од копирање !!