MKinformer

your daily dose of news

Еди Рама со ултиматум до бизнисите покрај патиштата: До 31 јули мора да се повлечат

25/07/2025 18:06

Албанскиот премиер Еди Рама упати јасен ултиматум до сите претприемачи кои имаат бизниси долж националните патишта: до 31 јули мора да отстранат секакви материјали и објекти што се наоѓаат на помалку од 20 метри од коловозот, што според законот е минимална безбедносна дистанца.

Во објава на социјалните мрежи, Рама истакна дека оваа мерка е дел од поширока акција за ослободување на јавниот простор и зголемување на безбедноста на патиштата.

„Паралелно со рушење на дивоградбите во населените места, започна и расчистување на националните патишта од различни видови бизниси. Исклучок се само зградите со градежна дозвола, но не и нивните дворови – оградите и складираните материјали ќе мора да се повлечат,“ напиша Рама.

Казни за непочитување и акцент на европска интеграција

Рама предупреди дека сите што нема да го испочитуваат рокот ќе се соочат со казнени мерки. Како пример објави фотографија од складиште со градежен материјал, нагласувајќи дека слични ситуации нема повеќе да се толерираат, како ни складишта со стари возила или други пречки што го нарушуваат слободното движење и сообраќајот.

„Албанија е во преодна фаза кон Европската Унија. Времето на економска активност на штета на заедницата и животната средина мора да заврши,“ порача премиерот, повикувајќи на „национално разбирање за Албанија 2030 во ЕУ“.

Акцијата веќе започна

Рамата посочи дека акциите за уривање веќе се во тек:

  • Во планинскиот туристички регион Тет, веќе се урнати над сто дивоградби.

  • Во Тирана, јавниот простор околу кафулиња, ресторани, гаражи и други нелегални објекти е речиси целосно ослободен.

error: Содржината е заштитена од копирање !!