Скопје се сеќава 62 години од катастрофалниот земјотрес од 1963 година
26/07/2025 9:24
Денес, Скопје ја одбележува 62-рата годишнина од разорниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а над 3.000 беа повредени. Во таа трагедија беа уништени 15.800 станови, а 200.000 луѓе останаа без дом.
Во чест и сеќавање на жртвите, утрово во 10 часот делегации од Собранието и Градот Скопје положија свежо цвеќе пред споменикот на загинатите на Градските гробишта Бутел.
Вечерва, во 20 часот, во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“, која ќе остане трајно поставена и достапна за јавноста. Музејот се наоѓа во старата железничка станица, чииот часовник и ден-денес е запрен во 5:17 – времето кога се случил земјотресот.
Историскиот контекст и глобалната поддршка
Земјотресот од 1963 година е најголемата катастрофа во поновата историја на Скопје, но и момент што го обедини светот во хуманитарна акција. Апелот на Меѓународниот Црвен крст и повикот од Интерпарламентарната унија донесоа глобална солидарност. ОН на 27 септември 1963 година ја ставија Скопје на врвот на меѓународната агенда, а на 14 октомври беше усвоена резолуција за поддршка на обновата на градот.
Градот почна да се обновува според проектите на јапонскиот архитект Кензо Танге, создавајќи современо урбано јадро на местото на урнатините.
Скопје низ историјата: град што се раѓа одново
Ова не беше првата трагедија во историјата на Скопје. Античкиот град Скупи, кој се наоѓал меѓу денешните Злокуќани и Бардовци, бил целосно разрушен во земјотрес во 518 година. Во 1555 година, уште еден земјотрес со јачина од околу 10 степени повторно го разурнал градот. Катастрофата од 1963 година беше третиот ваков удар во историјата на Скопје, со јачина од девет степени според Меркалиевата и шест според Рихтеровата скала. Епицентарот бил токму во центарот на градот, кај плоштадот „Македонија“.






