MKinformer

your daily dose of news

Млад македонски турист пронајден мртов во Саранда – втор смртен случај на наши граѓани во Албанија во јули

27/07/2025 19:42

Дваесетгодишен македонски државјанин, идентификуван како О.Ј., е пронајден мртов во стан во крајбрежниот град Саранда, каде што престојувал како турист. Трагичниот настан се случил на 26 јули, во попладневните часови, во населбата број 1 во Саранда.

Според официјалната информација од албанската полиција, телото било откриено од членови на неговото семејство, кои веднаш повикале служби за итна помош. Првичниот преглед на телото не открил траги на насилство, а според полицијата, се претпоставува природна причина за смртта. Точната причина ќе биде утврдена по завршување на обдукцијата, која е веќе наредена од надлежните институции.

Настанот предизвика загриженост, особено бидејќи се работи за втор смртен случај на македонски турист во Албанија во истиот месец.

На 14 јули, 66-годишен македонски државјанин се удави на плажата кај Каваја, во близина на Драч. Според извештаите на албанската брза помош и полиција, мажот доживеал срцев удар по влегување во морската вода. Иако присутни капачи се обиделе да му помогнат и била повикана итна медицинска екипа, тој бил прогласен за починат.

Овие два инциденти повторно го актуализираат прашањето за здравствената безбедност на туристите и потребата од внимателност при летни патувања, особено во периоди на високи температури и зголемен физички напор.

error: Содржината е заштитена од копирање !!