Мистериозна смрт на Хрват во Неготино: обвинителството не побара обдукција
19/05/2026 13:56
Смртта на Хрватот во Неготино и понатаму мистерија: Обдукција не е наредена, лекар разрешен
Почина за време на транспорт кон Скопје
Причината за смртта на 48-годишниот хрватски државјанин С.М. , кој почина пред Велигден во Неготино, и понатаму останува непозната. Основното јавно обвинителство Кавадарци не наредило обдукција, иако станува збор за ненадејна смрт, објави 4news.mk.
Настанот се случил на 8 април 2026 година, кога на С.М. му се слошило додека престојувал во кафеана во Неготино. Екипа на Итната медицинска помош го транспортирала кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, но тој починал за време на транспортот.
Обвинителството: Лекар констатирал природна смрт
Од ОЈО Кавадарци потврдуваат дека биле известени за случајот, но не наредиле обдукција бидејќи дежурниот лекар констатирал природна смрт. Според обвинителството, не постоеле сомнежи за насилство или други сомнителни околности.
Случајот отвора прашања за различната пракса
Само десетина дена подоцна, Основното јавно обвинителство во Свети Николе побарало обдукција за лице кое починало во кафеана без видливи траги на насилство. Слична постапка ОЈО Кавадарци применило и во 2020 година во друг случај.
Полицијата не била известена на самиот ден
Дополнителен сомнеж предизвикува и фактот што случајот првично не бил пријавен во Полициската станица во Неготино на самиот ден на смртта. Полициската истрага започнала дури на 14 април, по пријава од граѓанин.
Лекар разрешен, но не поради случајот
Во меѓувреме, докторот кој ја констатирал природната смрт бил разрешен од функцијата раководител на Итната медицинска помош во Неготино.
Од ЈЗУ Здравствен дом Неготино негираат дека кадровската промена е поврзана со случајот и тврдат дека станува збор за редовно враќање на претходниот раководител од специјализација.
Телото пренесено во Хрватска
Во рамки на истрагата биле извршени службени разговори со повеќе лица, а за случајот било испратено известување и до Одделението за ЕВРОПОЛ. По завршување на потребната документација, телото на починатиот било пренесено во Хрватска.






