Туристка од странство со повеќекратни скршеници, паднала во небезбедно и неозначено градилиште
28/07/2025 16:27
Женa, чиј идентитет и државјанство засега не се откриваат, се здобила со тешки телесни повреди откако синоќа паднала во необезбедено градилиште на улицата „Партизанска“ во Охрид. Несреќата се случила во дел кој ноќе е многу фреквентен со туристи.
Повредената веднаш била пренесена во Специјалната болница за ортопедија „Св. Еразмо“, каде што лекарите потврдиле дека има повеќекратни скршеници, но е свесна и во стабилна состојба.
Од полицијата и трудовата инспекција сè уште нема официјални информации за причините на несреќата. Првичните проверки треба да утврдат зошто градилиштето било оставено без заштитна ограда и со недоволна сигнализација, иако се наоѓа на многу прометна туристичка делница.
Општина Охрид најави увид на лице место и можни казни за инвеститорот доколку се потврдат пропустите во безбедносните стандарди.
Локалните жители велат дека ризикот на оваа улица постои со недели:
„Нема табла, нема светло, само отворена дупка,“ изјави сосед кој прв и помогнал на повредената жена.
Случајот повторно го отвора прашањето за непочитување на основните градежни стандарди и недоволната безбедност на јавните простори во Охрид, град кој е една од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија.


![Три сообраќајки со тешко повредени лица во еден ден – повредени млади возачи во Гостивар, Охрид и Кратово policija-mk-777x437-225346[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mk-777x437-2253461.jpg)



