Скопје без сенка, градоначалници без визија. Кој го украде здивот на Скопје?
18/08/2025 8:39
Скопје одамна не се гради за луѓето – се гради за инвеститорите и за градоначалниците што им служат како потрчковци. Таму каде што некогаш имаше дворови со ореви и сливи, никнаа бетонски касарни. Липите што ги чуваа љубовите и тајните на маалата, денес се заменети со клима-уреди што ја ладат жештината од асфалт и ароганција.
Градот што некогаш имаше сенка и душа, денес се гуши во прашина. И тоа не е случајно. Тоа е резултат на грамзливост и на корумпирана визија – визија што ја диктираат градежните олигарси, а градоначалниците ја потпишуваат со лесна рака. Секое исечено дрво е дел од нивниот договор: дрво за паркинг, сенка за бетон, идентитет за профит.
Дали сте забележале? Секој нов проект во Скопје е рекламиран како „развој“ и „модернизација“. А всушност, тоа е брутална ампутација на меморијата. Дворовите исчезнаа, маалските улици се претворија во тунели за коли, а децата играат на асфалт, затоа што сенката од липите е жртвувана за уште една „лукс“ зграда со фасада што ќе се олупи за пет години.
Да бидеме јасни: вината има име и презиме. Вината е кај градоначалниците што со години молчат пред инвеститорите, вината е кај партиите што ги користат урбанистичките планови како банкомати, вината е кај секој потпис што легализирал сечење на дрво во име на „напредок“. Тоа не е напредок – тоа е предавство на градот.
И затоа старите дрвја што останаа се повеќе од зеленило – тие се симбол на отпорот против бандата што ја бетонира иднината. Секој орев и секоја липа што се исправиле во сенка меѓу зградите се тивка шлаканица за сите политичари што не разбираат дека вистинскиот урбанизам не е уништување, туку хармонија.
Ако не се разбудиме, Скопје ќе стане град без сенка. А град без сенка е град без душа – само бетонска пустелија во која политичарите ќе си делат тендери, а граѓаните ќе се дават во жештина. Прашањето е: ќе продолжиме ли да ќутиме, или конечно ќе им кажеме на градоначалниците и нивните спонзори дека градот не е нивен приватен бизнис, туку нашиот заеднички дом?






