МВР го пронајде и идентификува возачот кој удри две малолетнички на тротинет во Скопје
23/08/2025 8:49
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека е обезбеден возачот и возилото со кое на 21 август 2025 во Скопје беше предизвикана сообраќајна несреќа, при што беа повредени две малолетнички кои се движеле со електричен тротинет.
Возачот, идентификуван како Ф.Б. од с. Света Петка, скопско, управувал со „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки и на улица „Васил Ѓорѓов“ удрил во 13-годишна малолетничка која управувала со тротинет, додека нејзината 12-годишна сопатничка исто така била повредена. По несреќата, возачот го напуштил местото на настанот.
Повредените девојчиња биле пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде на 13-годишната ѝ биле констатирани тешки телесни повреди, додека 12-годишната се здобила со полесни повреди.
На 22 август 2025 во СВР Скопје бил извршен службен разговор со возачот. Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.





