(ВИДЕО) Срам за спортот: Родители од Шкупи тепаа деца на пионерски натпревар, две деца тешко повредени
24/08/2025 15:31
Тежок и срамен инцидент ја засени денешната фудбалска средба на младинските екипи на Брегалница (Штип) и Шкупи (Чаир, Скопје), одиграна во рамки на првото коло од Републичката пионерска лига за генерацијата 2010 година на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип.
Во последната минута од натпреварот, по еден обичен прекршок на теренот, гостински родители влегле на терен и брутално нападнале двајца фудбалери на Брегалница. Според сведоштва, еден од нив со клоци ги удирал малолетните играчи, оставајќи ги сериозно повредени.
Неофицијалните информации се вознемирувачки: едно дете завршило со скршена нога, а друго со повреди на главата. Двајцата млади спортисти се пренесени во штипската Клиничка болница.
Наместо детска игра и спортско надмудрување, мечот се претвори во хаос. Откако беа нападнати децата, дел од домашната публика исто така влета на теренот, па следуваше масовна тепачка. Полицијата реагираше итно и го приведе главниот напаѓач, против кого ќе биде поднесена кривична пријава.
Инцидентот се случи при резултат 2:1 за Брегалница, но наместо резултатот, јавноста денес зборува за бруталната сцена што ја наруши честа на спортот.
Очекуваме официјални детали од Министерството за внатрешни работи во текот на денот.





