ФФМ доживотно го суспендираше младиот фудбалер на Шкупи кој го предизвика инцидентот во Штип
25/08/2025 16:37
Првостепената дисциплинска комисија при ФФМ донесе драстични санкции по жестокиот инцидент на натпреварот меѓу младинските екипи на Брегалница 2008 и Шкупи 1927. Најтешка казна доби Леарт Абдуљи (бр. 9) од Шкупи, кој по завршетокот на натпреварот физички нападна противнички играч и му нанесе тешки повреди – за што е доживотно исклучен од фудбалската организација.
Со три месеци забрана за настап се казнети и неговите соиграчи Рамадани Ибрахим (бр. 5) и Амар Новобрдалија (бр. 30), кои исто така се впуштиле во физички напад. Од редовите на Брегалница, играчот Симеон Гоцев (бр. 4) доби суспензија од четири натпревари за груба игра и пречекорена самозаштита.
Комисијата утврди одговорност и на двата клуба – за Шкупи поради напад од родители и навивачи врз противнички фудбалери, а за Брегалница поради пропусти во организацијата и обезбедувањето.
Дополнителна постапка е поведена против координаторот на младинските категории на Шкупи, Алејса Виши, кој внел лажни податоци во системот на ФФМ, заведувајќи лица кои воопшто не присуствувале на натпреварот.





