Пратениците се вратија од одмор – Собранието повторно започнува со работа
25/08/2025 9:19
Годишниот одмор за пратениците официјално заврши, а Собранието на Република Северна Македонија денеска повторно започнува со работа.
Првиот работен ден е најавен со средба на претседателот на Собранието, Африм Гаши, со собраниските известувачи, на која ќе информира за тековните активности по редовната координација со координаторите на пратеничките групи. Засега, освен овој брифинг со новинарите, на собраниската веб-страница нема најавени други активности до крајот на неделата.
Иако пратениците формално беа на одмор, тој беше прекинат на 16 август, кога се одржа итна седница за измените и дополнувањата на Изборниот законик, кој не помина поради немање на Бадентерово мнозинство. Претходно, на 13 август, Комисијата за прашања на изборите и именувањата одржа седница и формира Комисија за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Вообичаено, одморот на пратениците започнува по националниот празник Илинден.
На 9 август, претседателот Гаши ги распиша локалните избори за 19 октомври. Се очекува Собранието да одржува пленарни седници и седници на комисиите сè до почетокот на кампањата за изборите на 29 септември.
Гаши на последниот брифинг потсети дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека пратениците може да бидат повикани на седници доколку тоа го наложат околностите.





