MKinformer

your daily dose of news

Сејф сити стартува од 1 февруари: Утре собраниска седница за измените на Законот за прекршоците

15/01/2026 16:14

Најверојатно утре ќе биде свикана собраниска седница на која ќе се усвојат предложените измени во Законот за прекршоците, со што ќе се овозможи системот „Сејф сити“ да започне со примена од 1 февруари.

Договорот е постигнат денеска на состанок меѓу координаторите на пратеничките групи во Собрание на Република Северна Македонија, откако ваков исход беше најавен и по вчерашната лидерска средба свикана од премиерот Христијан Мицкоски.

По средбата, Мицкоски, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најавија надминување на досегашните пречки околу усвојувањето на законските измени, за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во изјава за весникот „ВЕЧЕР“ изјави дека денеска бил одржан координативен состанок на кој присуствувал и претставник на Министерство за внатрешни работи, при што биле разјаснети сите отворени забелешки.

„Најважните прашања се усогласени и договорено е пратениците од коалицијата предводена од ДУИ да дадат поддршка за измените. За ова ќе го информираме претседателот на Собранието Африм Гаши, со цел уште утре да се свика седницата и да се изгласаат измените, за системот ‘Сејф сити’ да стартува од 1 февруари“, изјави Мицевски.

Тој појасни дека законските измени се во финална фаза и дека не постои можност за поднесување амандмани, односно останува само нивно гласање. Додаде дека по усвојувањето, ДУИ ќе ја следи имплементацијата и доколку е потребно, подоцна може да иницира дополнителни измени.

Измените во Законот за прекршоците се клучни за функционирањето на системот „Сејф сити“, бидејќи ќе ѝ овозможат на полицијата електронски да им доставува записници и формулари на возачите што сториле сообраќајни прекршоци, како и нивна примена од страна на сообраќајните полицајци на терен.

error: Содржината е заштитена од копирање !!