РЕФОРМИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ЌЕ НЕ ЧИНАТ КРЕДИТ ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА
01/09/2025 9:02
На денешната седница на Собраниската комисија за финансирање и буџет, на дневен ред е задолжувањето на Република Северна Македонија во износ од 15 милиони евра, наменети за „Проектот за унапредување на основното и средното образование“.
Овој проект започна да се имплементира во април 2021 година од страна на Министерството за образование и наука (МОН), во рамки на Стратегијата на Светска банка за партнерство со земјава за периодот 2019–2023. До мај 2025 година, искористени се 89,8% од вкупниот заем од 21,5 милиони евра, доделен за првата фаза.
Дополнително финансирање и услови
Владата на 12 ноември 2024 година донесе заклучок за барање на ново дополнително финансирање. На 3 декември 2024 година, Министерството за финансии во координација со МОН достави официјално барање до Светска банка за обезбедување на уште 15 милиони евра и продолжување на рокот за имплементација на проектот до 27 февруари 2026 година.
Заемот ќе биде доделен под следните услови:
-
Рок на отплата: 12 години, со вклучен грејс период од 3 години.
-
Каматна стапка: шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон.
-
Отплата: во 18 полугодишни рати, со рокови на 15 јуни и 15 декември секоја година.
-
Провизија: еднократна „front-end fee“ од 0,25% од заемот, која ќе се плати од самите средства.
-
Годишна провизија: 0,25% од неповлечениот дел од заемот.
Вклучени институции
Во имплементацијата на проектот учествуваат:
-
Бирото за развој на образованието
-
Државниот испитен центар
-
Државниот просветен инспекторат
-
Општините и основните училишта
Со ова дополнително финансирање, властите очекуваат уште поголем напредок во дигитализацијата на наставата, подобрување на наставните програми и модернизација на училишната инфраструктура.






