Партијата на пензионерите на локалните избори, како „ЛЕСИ“ се враќа во СДСМ
02/09/2025 9:27
Последната одлука на Извршниот одбор за можен договор со ВМРО-ДПМНЕ предизвика револт и отворена поделба во Партијата на пензионерите, со што уште еднаш се потврди дека оваа политичка структура повеќе личи на поле за лични амбиции отколку на сериозен застапник на најстарата популација во државата.
Дел од раководството, предводено од Миле Андоновски, на прес-конференција објави дека се враќаат и остануваат верни на СДСМ, со образложение дека делат „исти идеолошки вредности и програмски цели“.
„Со СДСМ делиме исти идеолошки вредности, имаме компатибилни програмски цели и пензиски политики и соработуваме на принципиелни основи. Наш приоритет останува правично, стабилно и долгорочно остварување на интересите на пензионерите во земјата“, истакна Миле Андоновски.
Но токму ваквите „вредности“ повеќе личат на извинување за продолжување на политичката зависност од власта, отколку на принципиелна борба за пензионерите.
„Нелогично е преминувањето преку постоечките разидувања во идеологијата и прокламираните пензиски политики и мерки на ВМРО-ДПМНЕ со идеологијата и пензиските политики на ПП утврдени во програмата на партијата, што води кон обезличување на ПП и губење на нејзиниот политички идентитет“, додаде Андоновски.
Парадоксот е што партијата истовремено критикува „популистички мерки“ на власта, како што е линеарното зголемување на пензиите, иако истите тие мерки ги користат за политички поени. Најавената закана за поделба на партијата само потврдува дека приоритет не се пензионерите, туку кој дел од раководството ќе си обезбеди подобар коалициски партнер.
„Остануваме истрајни во заложбите за зачувување на стабилноста и долгорочлната одржливост на пензискио9т Фонд за солидарна социјална поддршка на корисниците на минималните пензии, за вкупно подобрување на стандардот на пензионерите и нивна здравствена заштита“, вели тој.
На крајот, наместо да нудат визија за одржлив пензиски систем и подобар животен стандард за најранливата група граѓани, пензионерските лидери се заглавени во внатрешни пресметки и коалициски калкулации. Прашањето што логично се наметнува е: дали оваа партија навистина постои за пензионерите, или пензионерите постојат само како изговор за нејзините политички пазари?






