Аеродромци повторно на улица: „Вардариште е срам за Скопје, нема да молчиме!“
03/09/2025 9:51
Жителите на општина Аеродром и денеска во 18 часот ќе излезат на протест, повторно на добро познатото место, паркчето кај Авионче во Ново Лисиче.
Нивниот став е јасен: нема повлекување сè додека институциите конечно не понудат конкретни решенија за проблемот со загадувањето што доаѓа од депонијата Вардариште.
„Сите што живееме во Аеродром најмалку една година, знаеме каде е жариштето на загадениот воздух – Вардариште“, истакна еден од револтираните жители, потсетувајќи дека граѓаните се обидоа да ја блокираат и раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ во знак на протест.
Организаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат секој ден, без исклучок, сè додека властите не ги исполнат дадените ветувања и не започнат реални чекори за затворање на еколошката „бомба“ која со години го труе Скопје.
Граѓаните испраќаат јасна порака: нема да дозволат нивните семејства да живеат во магла од отрови, додека институциите си ги префрлаат одговорностите.






