„Стоп за Усје“ најави граѓанска блокада во Скопје поради загадувањето на воздухот
20/12/2025 18:14
Блокадата ќе се одржи на 25 декември на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“.

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ најави граѓанска блокада во четврток, 25 декември, со почеток во 18:00 часот, на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје.
Од Иницијативата информираат дека протестот е реакција на, како што наведуваат, долгогодишното жртвување на јавното здравје на граѓаните во корист на профитни интереси, при што институциите со години не преземаат соодветни мерки.
Покрај блокадата, најавена е и прес-конференција на која јавно ќе бидат презентирани конкретни барања до надлежните институции. Целта на протестот, според организаторите, е конечно и трајно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, за кое тврдат дека е директно поврзано со работењето на Цементара Усје.
Од „Стоп за Усје“ порачуваат дека блокадата е замислена како мирен, но решителен протест против, како што велат, континуираното загадување и труење на жителите на главниот град.
– Наместо институционална реакција и санкционирање, сведоци сме на игнорирање на алармантни податоци, неделување и прикривање на одговорноста – соопштуваат од Иницијативата.
Тие додаваат дека пораката на протестот е јасна и недвосмислена – граѓаните повеќе нема да молчат и нема да дозволат здравјето на луѓето да биде жртвувано на сметка на економски и бизнис интереси.






