Вучиќ: Во Нови Сад повредени 11 полицајци, уапсени повеќемина Блокадери
06/09/2025 0:16
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во немирите во Нови Сад се повредени 11 полицајци, а уапсени се повеќе лица. На европратениците кои учествуваа на протестот во Нови Сад им порача:
„Одете и уништувајте ги вашите земји. Ќе бидете гонети според законите на Република Србија“.
„Денес низ цела Србија се собраа помалку од 9.380 луѓе против властите, насекаде беше мирно освен во Нови Сад. Тие се обидоа, со присуство на претставници од Европскиот парламент, да ја загрозат безбедноста и стабилноста на Србија и да ги окупираат просториите на Филозофскиот факултет, и не успеаја. Полицијата си ја заврши работата и тоа го направи професионално, им честитам на сите полицајци. Досега се повредени 11 полицајци, тие беа нападнати во целосен мир, само стоеја пред Филозофскиот факултет во Нови Сад“, рече српскиот претседател во обраќањето до јавноста од командниот центар на МВР на Р. Србија.
Тој прецизираше дека во Нови Сад се собрале 7.020 луѓе.
„Досега се уапсени неколку лица, а десетици луѓе ќе бидат лишени од слобода. Тие ја нападнаа полицијата во целосен мир, и со пиротехнички средства и на други начини“, додаде Вучиќ.
Тој нагласи дека Србија ќе ја зачува безбедноста и стабилноста.
„Оние кои дојдоа да ја уништат Србија однадвор, од странство, мора да знаат дека ние ќе им се спротивставиме посилно отколку што мислеа“, рече Вучиќ.
Тој им рече на членовите на Европскиот парламент кои учествуваа на протестот во Нови Сад:
„Одете уништувајте ги вашите земји. Ќе бидете гонети според законите на Република Србија“.






