Додека Скопје се гуши во чад, директорот на ЦУК на прошетка во Бугарија
10/09/2025 13:18
Додека скопјани деновиве се борат со густ чад и неподнослива миризба од пожарите на депонијата „Дрисла“ и во Вардариште, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, наместо да биде на терен, одлучи да замине во Бугарија.
Имено, тој денес присуствуваше во базата на операции во Монтана, каде што ЦУК го презентираше системот NICS (Next Incident Command System) во рамки на меѓународната НАТО-вежба „EARDCC Exercise Bulgaria 2025“, која трае од 7 до 12 септември. Системот беше прикажан преку симулации за земјотреси, поплави и евакуација, со акцент на неговата способност за координација и брза размена на информации.
Иако ваквите настапи на меѓународни вежби се важни за зајакнување на капацитетите на државата во справувањето со кризи, јавноста со право прашува: зошто директорот е надвор од земјата во момент кога Скопје буквално се гуши во чад? Дали присуството во Бугарија е поважно од справување со кризата дома?
Сликата е повеќе од јасна – додека граѓаните се жалат дека не можат да дишат и бараат конкретни мерки, институцијата задолжена за управување со кризи покажува повеќе интерес за протоколарни посети отколку за итни реакции.






