MKinformer

your daily dose of news

„Ќе се онесвестев од смрдеата“ – родители алармираат за ужасни услови во тоалетите на ООУ „Јан Амос Коменски“ во Карпош

21/10/2026 12:44

Родители алармираат за условите во ООУ „Јан Амос Коменски“ во скопско Тафталиџе, откако до редакцијата на МК Информер анонимно доставија фотографии и реакција за, како што наведуваат, незадоволителната хигиенска и техничка состојба на санитарните јазли во училиштето.

Според нив, проблемот не се сведува само на изгледот на тоалетите. Родителите тврдат дека од санитарните простории се шири силна и непријатна миризба, која во одредени периоди се чувствува и во ходниците и училниците.

Тие велат дека дел од учениците избегнуваат да одат во тоалет бидејќи се згрозуваат од состојбата и тешко ја поднесуваат миризбата.

Родител: „Во ходниците и училниците ужасно смрди“

Еден од родителите, кој побара да остане анонимен, за МК Информер раскажа дека проблемот трае подолг период и дека оваа учебна година неколкупати ја почувствувал непријатната миризба додека го земал своето дете од училиште.

„Оваа школска година, неколку пати кога одам да го земам моето дете од школо, во ходниците, а и во училниците во ‘Коменски’ ужасно смрди на канализација и измет. За ова неколку пати се известени учителките“, вели родителот.

Според неговото сведоштво, наставниците во повеќе наврати им посочиле на родителите дека миризбата доаѓа од тоалетите и дека постои проблем со санитарните јазли. Но и понатаму ниште не се презема за да се реши проблемот.

„Вчера, кога отидов да го земам моето дете од школо, во ходникот повторно имаше неподнослива смрдеа. Отидов до тоалетите и што да видам – ќе се онесвестев. Останав присебна, извадив телефон и направив фотографии. Видете и сами“, сведочи родителот за МК Информер.

Не работат казанчиња, недостига сапун

Во реакцијата доставена до нашата редакција се наведува дека дел од казанчињата во тоалетите не функционираат, недостигаат дозери за течен сапун, а во дел од постојните дозери нема сапун. Неисчистени, затнати тоалети, да не објаснувам, погледните ги сликите, вели родителот кој се обрати до нашата редакција.

Родителите бараат темелно чистење, дезинфекција и санација на санитарните простории, како и воспоставување редовно одржување.

„Заштитата на здравјето на учениците и вработените мора да биде приоритет“, наведуваат тие.

Ризик од бактерии, инфекции и заразни заболувања

Лошата хигиена во санитарните јазли, неисправната опрема и недостигот од сапун отвораат и сериозно прашање за здравствената безбедност на учениците.

Во услови кога голем број деца секојдневно ги користат истите санитарни простории, несоодветното чистење и дезинфекција може да го зголемат ризикот од ширење бактерии, инфекции и заразни заболувања.

Дополнителна загриженост предизвикува и фактот што, според родителите, дел од децата намерно избегнуваат да ги користат тоалетите поради неподносливата миризба и состојбата во која се наоѓаат.

Токму затоа родителите сметаат дека проблемот не смее да се третира како обична забелешка за хигиената, туку како прашање што директно се однесува на здравјето и условите во кои учениците поминуваат голем дел од денот.

Прашање за одговорноста на училиштето и Општина Карпош

Родителите го отвораат и прашањето за одговорноста на раководството на училиштето, но и на Општина Карпош како основач.

ООУ „Јан Амос Коменски“ е општинско основно училиште во Тафталиџе 1, па очекувањата на родителите се проблемите со санитарните јазли да бидат решавани навремено, пред да прераснат во состојба што директно влијае врз престојот на учениците во училиштето.

Во минатото редовно се санираа училишни објекти

Во претходните години Општина Карпош редовно објавуваше информации за санации, реконструкции и подобрување на условите во основните училишта на нејзина територија.

Се интервенираше на покриви, санитарни јазли, фасади, училници и други делови од училишните објекти. Родителите сега прашуваат зошто ваквите проблеми не се забележуваат и не се решаваат навреме и денес.

Основната хигиена во училишните тоалети не треба да зависи од тоа дали родител ќе направи фотографии и ќе се обрати до медиумите.

Родителите бараат итна реакција

Тие бараат веднаш да се проверат сите санитарни јазли, да се поправи нефункционалната опрема, да се постават доволно дозери за сапун и да се утврди причината за непријатната миризба. Доплнително, тие планираат да се обратат до Фитосанитарната инспекција за да се утврдат неправилностите и субстандардите со кои тие и нивните деца се соочуваат.

Бараат и редовен надзор врз одржувањето, како и конкретен одговор од раководството на училиштето и од Општина Карпош за тоа што ќе биде преземено.

Родителите кои алармираат за условите во ООУ „Јан Амос Коменски“ очекуваат итна реакција, бидејќи, како што велат, децата не смеат да бидат доведени во ситуација да избегнуваат користење тоалет поради нечистотија и неподнослива миризба.

error: Содржината е заштитена од копирање !!