Попладне Скопје со услови за невреме и силен ветер до 60 км/час
14/09/2025 10:37
Под влијание на северен и северозападен фронт, денеска (недела, 14 септември) попладне, навечер и во текот на ноќта кон понеделник, како и во понеделник наутро, Македонија ја очекува значително дестабилизирање на атмосферата.
Времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, особено во северните и источните региони, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одредени локации се можни поинтензивни процеси во форма на невреме, проследено со обилни врнежи за краток период, силни електрични празнења, ветер кој може да надмине 60 километри на час и услови за локална појава на град.
Граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност – во случај на громови да избегнуваат престој на отворен простор и под осамени дрвја, а при силен ветер да ги заштитат своите возила и да не ги паркираат во близина на постари или осамени дрвја.
И во Скопје и околината времето ќе биде нестабилно, со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од Скопската котлина можно е невреме со интензивни врнежи, силен ветер и појава на град.
Температурите низ државата ќе се движат меѓу 24 и 32 степени, додека во Скопје ќе достигнат околу 30 степени.




