Скандал во градинката „13 Ноември“ во Скопје: Родители тврдат дека им било кажано да молчат за случајот со шприцот
16/09/2025 11:45
Пред две недели деца од градинката „13 Ноември“ во населбата Буњаковец, општина Центар, пронашле шприц додека играле во дворот. Според сведоштва на родители, постои сомнеж дека некои од децата се гребнале или боцнале од иглата.
Шприцот децата го чувале и си го давале еден на друг, пред да биде забележан од возрасните. Подоцна било утврдено дека имал игла, а дел од родителите изразуваат загриженост бидејќи не е сигурно кои деца дошле во директен контакт со него. Едно од децата дури го однело шприцот дома, скриен во џеб.
Според фотографиите, станува збор за употребен шприц, за кој родителите претпоставуваат дека бил оставен од зависник. Ситуацијата предизвикала паника меѓу семејствата, бидејќи нема јасни информации дали и колку деца се повредиле.
За А1он некои родители велат дека од градинката им било побарано да не зборуваат јавно за случајот, а дел се револтирани поради недостаток на надзор во дворот. Тие бараат да се воведат вечерни контроли за тоа кој влегува во дворот и какви активности се одвиваат таму.
Новинарите побарале став од директорката на градинката „13 Ноември“, Ружица Биџовска, но единствениот контакт-телефон бил недостапен, па засега не е добиена официјална реакција.






