ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО НИ ИСЧЕЗНУВА ПРЕД ОЧИ, НИКОЈ НЕ ПРЕЗЕМА НИШТО
18/09/2025 9:04
Нивото на Преспанското Езеро продолжува да руши антирекорди. Според мерењата, за прв пат е пробиена психолошката граница од 841 метар надморска висина, а денеска изнесува 840,97 m, што е -663 cm под референтното ниво од 847,60 m.
Професорот од Битола, Дејан Трајковски, во својата анализа предупреди дека моменталното ниво е уште сега, во средината на септември, 19 сантиметри пониско од историскиот минимум забележан минатата година.
„До декември има уште долг пат да се изоди и прогнозата останува за кота -690 cm“, вели професорот, посочувајќи дека езерото веќе две години губи по околу 50 сантиметри годишно, што претставува пад од приближно 125 милиони кубни метри вода.
На истиот ден минатата година, нивото било повисоко за 55 сантиметри. Просечната длабочина на езерото во моментов е околу 8 метри, додека најголемиот дел од дното е на 9,5 метри. Нема индикации за забавување на трендот – напротив, губењето на вода се забрзува.




