Житието на Света Теодора од Александрија – Симбол на покајание и трпение
24/09/2025 9:34
Света Теодора од Александрија била млада жена која, заведена од бајачка, извршила прељуба и веднаш почувствувала силна грижа на совеста. Во знак на покајание си ја отсекла косата, облекла машка облека и се замонашила во манастирот Октодекат, претставувајќи се како монах Теодор.
Нејзината посветеност, постојан пост, бдеење и понизност предизвикувале восхит кај браќата монаси. Сепак, Теодора била неправедно обвинета од една жена која тврдела дека од неа забременила. Наместо да се оправдува, таа ја прифатила клеветата како Божја казна за својот стар грев.
Избркана од манастирот, седум години живеела во шуми и пустини, негувајќи го и детето на жената што ја наклеветила. Во тој период издржала бројни искушенија – од демонски привиди, до обиди да биде заведена со храна, пијалак и лажни повици за враќање кон световниот живот. Со крстот и верата успевала да ги победи сите искушенија.
По седум години повторно била примена во манастирот, каде што скромно живеела уште две години, пред да се упокои во 490 година. Дури тогаш монасите дознале дека „брат Теодор“ всушност била жена. На нејзиниот погреб пристигнал и сопругот, кој до крајот на животот останал во нејзината келија.
Света Теодора била украсена со Божја благодат – скротувала ѕверови, исцелувала болни и чудесно изведувала вода во суви бунари. Таа девет години се каела искрено за еден грев, а Господ ја прославил како вистинска покајничка и пример за трпение и смирение.





