Сиљановска-Давкова од Њујорк: „ЕУ мора да избере – Унија на правила или на двојни стандарди“
24/09/2025 19:30
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на годинашниот самит „Конкордија“ во Њујорк, кој традиционално се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации.
Во своето излагање, таа направи паралела меѓу улогата на Обединетите нации во светот и Европската Унија во Европа, нагласувајќи дека ЕУ е мултилатерален проект со една врвна цел – мир на континентот. Тоа, според неа, може да се обезбеди само преку проширување засновано на Копенхагенските критериуми: демократија, владеење на правото, почитување на човековите права и слободи, како и функционална пазарна економија.
„Европската Унија не може да го брани мултилатерализмот во светот ако го изневерува на својот континент. Проширувањето не е техничко прашање, туку тест за тоа дали ЕУ ќе го одбере патот на concordia или discordia, дали ќе биде Унија на правила и стандарди, или Унија на двојни стандарди и контрадикции,“ рече претседателката.
Таа потсети дека иако Македонија може да вложи напори во економијата и реформите, процесот на преговори со ЕУ зависи од соседите. „За разлика од скандинавските земји кои ги поддржаа балтичките држави, нашите соседи често користат вето,“ истакна Сиљановска-Давкова, додавајќи дека е крајно време за промени во начинот на одлучување во ЕУ, тема што ја отвори и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Самитот „Конкордија“ е еден од најзначајните форуми на глобално ниво, каде што се дискутираат прашања од економијата и трговијата, демократијата, безбедноста, енергетската транзиција, здравството, човековите права и иновациите. Настанот обединува светски лидери, бизнис елити, претставници на граѓанското општество и иноватори.






