Апасиев: Забраната за рекламирање на Левица ќе заврши во Стразбур – политичката битка започна!
25/09/2025 13:10
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, реагираше на одлуките и упатствата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Државната изборна комисија (ДИК), обвинувајќи ги за лицемерен и селективен пристап кон различни политички партии.
Апасиев истакна дека додека за други партии се применуваат подзаконски акти и нови термини, како „поддржувач“, Левица е спречена да се рекламира, дури и со сопствени средства. „Целта на законот е сите партии, парламентарни и вонпарламентарни, да имаат еднаков пристап до рекламирање. Но, АВМУ и ДИК се држат само до буквата на законот, игнорирајќи го неговиот основен дух“, порача тој.
Тој додаде дека ова е првпат во историјата на независна Македонија една легално регистрирана партија да биде ефективно ограничена во правото на рекламирање. „За оваа политичка дискриминација ќе се расправа дури и во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Неправдата ќе има ефект на бумеранг – граѓаните ја забележуваат и се солидаризираат“, нагласи Апасиев.
Од Левица најавуваат дека ќе преземат правни мерки, вклучително кривични пријави и тужба за материјална штета против членовите на ДИК и Советот на АВМУ, а финансиско вештачење ќе утврди точниот износ на штетата.
Апасиев исто така ја критикуваше пасивноста на Уставниот суд, кој, како што рече, останува неактивен и не ја штити темелната вредност на плурализмот и фер изборите.






