MKinformer

your daily dose of news

Велес станува музички центар: Почнува Фестивалот на џез светска и современа музика

25/09/2025 14:00

 


Од денес, 25 септември, Велес ќе биде домаќин на четвртото издание на „Фестивалот на џез, world и современа музика“, организиран од Здружението за култура, уметност и млади „Арт Генератор“, со поддршка од Општина Велес и Министерството за култура и туризам. Фестивалот ќе се одржи до 28 септември, на повеќе локации во градот, вклучувајќи го Театарот „Ј.Х.К. Џинот“, паркингот пред театарот и Спомен-костурницата.

Оваа година, фестивалот ќе понуди разновидна програма која вклучува концерти, работилници, изложби и DJ сетови. Учесници ќе бидат уметници и бендови од САД, Грција и Македонија. Програмата започнува денес со цијанотипска работилница со уметниците Јасмина Котевска и Иван Алушевски, како и со изложбата „Преиспитувања“ на Никола Пијанманов и Тони Попов.

Утре, 26 септември, ќе настапат „Transverse“ (САД/МКД) и „Parussion Group“ (МКД), додека на паркингот пред театарот ќе настапи дуото „Edit Points“. На 27 септември, посетителите ќе можат да уживаат во бесплатниот перформанс „Во тек“ на Спомен-костурницата, а вечерта ќе има концерт на „Влатко Стефановски Трио“ во театарот, проследен со настап на групата „Паркети“. Последниот ден, 28 септември, ќе биде резервиран за проектот „Storytales“ на Dine Doneff (Грција), а по концертот ќе следи завршна забава со „Арт Генератор“.

За публиката се обезбедени поединечни влезници и блок-билети по цена од 1300 денари, со продажба на билетарата при театарот „Ј.Х.К. Џинот“. Фестивалот ќе биде збогатен и со видео мапинг на Борче Конзулов, додека графичкиот дизајн е дело на Филип Коруновски.

Организаторите нагласуваат дека со оваа културна манифестација се придонесува за децентрализација и деметрополизација на културниот живот, како и за збогатување на понудата со квалитетни уметнички содржини за Велес.

error: Содржината е заштитена од копирање !!