Зеленски потврди дека Украина го прифатила предлогот на САД
11/03/2025 21:31Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Украина го прифатила предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот, кој ќе вклучува целото Црно Море и целата линија на фронтот.
По одржувањето на состанокот помеѓу високите претставници на САД и Украина во Џеда, Зеленски изјави дека украинската делегација предложила „тишина во воздухот и во морето“, како и „вистински мерки за градење доверба“, што вклучува и размена на воени заробеници.
„Американската страна ги разбира нашите аргументи и ги прифаќа нашите предлози. Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за конструктивниот пристап и успешните разговори на нашите тимови“, рече Зеленски.
Претседателот потврди дека предлогот за целосен прекин на огнот потекнува од САД, а Украина го смета за позитивен и е подготвена да го прифати. Тој истакна дека САД сега имаат важна улога во убедувањето на Русија да се согласи на прекинот на огнот.
„Клучен момент на денешниот состанок беше подготвеноста на САД да ја обноват одбранбената помош за Украина“, додаде Зеленски.
Тој исто така нагласи дека Украина е подготвена за мир, но сега на ред е Русија да покаже дали е подготвена да ја заврши војната или да продолжи со неа. „Време е за целата вистина“, изјави Зеленски.






