MKinformer

your daily dose of news

Јакимовски апелира за прекин на политичкиот инает и фокус на интересите на граѓаните

29/09/2025 15:29

Актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за нов мандат, Стевче Јакимовски, денеска упати јасен апел до политичките актери да го тргнат инаетот на страна и да се фокусираат на интересите на граѓаните.

„Стартот на оваа кампања го започнувам со апел за разум, со апел до граѓаните да гласаат за советници кои се дел од решенијата на нивните проблеми, а никако за оние кои ќе бидат дел од нивните проблеми“, истакна Јакимовски.

Тој нагласи дека мостот на улицата Љубљанска и оваа сообраќајница ќе ја растеретат Партизанска, булеварот 8 Септември и булеварот Илинден, доколку се завршат процедурите и проектот се реализира. „Апелирам до Владата и до надлежните институции што побрзо да ги завршат процедурите во конзерваторските работи, и Градот Скопје да ја заврши оваа сообраќајница во интерес на целиот народ“, додаде Јакимовски.

Тој потенцираше дека општина Карпош уште во претходниот мандат има нарачано урбанистички проект за овој дел од општината, кој ќе овозможи поврзување со останатиот дел од Злокуќани. „Граѓаните покрај мостот Газела ќе имаат можност и со возила, и со велосипеди, и пешки, да излегуваат токму на оваа сообраќајница која ќе значи брза и директна комуникација со останатиот дел од општина Карпош“, истакна тој.

Јакимовски апелираше: „Да се вразумиме сите и инаетот да го тргнеме на страна. Партиските интереси го упропастија градот Скопје. Да даде Господ никогаш да не се повторат вакви состави на советници, туку напротив да дојдат луѓе кои се подготвени да ги решаваат проблемите на граѓаните, а не да им создаваат проблеми“.

На крајот, тој повика граѓаните на Карпош и на Скопје да гласаат за решенија, а не за инаети: „Гласајте за оние што ќе ги решаваат вашите проблеми, а не за оние што ќе ви ги отежнуваат животите“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!