MKinformer

your daily dose of news

Зошто доцнат решенијата за данок на имот?

18/07/2026 7:26

Град Скопје: Решенијата за данок на имот се готови, но не се доставуваат

Граѓаните бараат одговор зошто годинава доцнат решенијата за данок на имот

Сè поголем број граѓани реагираат дека годинава сè уште не ги добиле решенијата за данок на имот. На социјалните мрежи се појавија бројни коментари и шпекулации дека доцнењето можеби е поврзано со најавените измени во пресметката на данокот, според кои во иднина ќе се зема предвид реалната пазарна вредност на недвижностите.

Од Град Скопје, сепак, велат дека причината е сосема друга и дека решенијата веќе се изготвени.

Град Скопје: „Нема доцнење во изработката“

Од градската администрација за весникот „Вечер“ појаснуваат дека проблемот не е во подготовката на решенијата, туку во нивната достава.

Решенијата за данок на имот се подготвени и нема никакво доцнење во нивната изработка. Причината поради која сè уште не се доставени до граѓаните е тоа што сè уште не е обновена постапката за доставување пратки со АД „Македонска пошта“. Веднаш штом ќе се обнови постапката, ќе бидат доставени решенијата за данок на имот за 2026 година во најкраток можен рок“, велат од Град Скопје.

Следуваат промени во начинот на пресметка

Во меѓувреме, Град Скопје продолжува со реформата на системот за оданочување на недвижностите. Новата методологија предвидува данокот постепено да се пресметува врз основа на реалната пазарна вредност на имотите, наместо според досегашниот модел.

Ако, на пример, е купен станот по 3.000 евра, не може да се плаќа данок на 1.500 евра за квадратен метар“, појаснуваат од Градот, додавајќи дека основа за пресметката ќе бидат просечните цени од купопродажните договори во секоја општина.

Според градските власти, промените најпрво ќе се применуваат во општините Центар и Карпош, а потоа постепено и во останатите скопски општини.

Сè повеќе решенија ќе се доставуваат електронски

Од Град Скопје информираат дека кај правните лица најголем дел од решенијата веќе се доставуваат по електронски пат, а во иднина планираат истиот модел постепено да се прошири и кај физичките лица.

Во моментов, за испорака на едно решение по пошта се плаќа околу 100 денари, што претставува значителен трошок кога станува збор за десетици илјади пратки“, велат од Градот, посочувајќи дека електронската достава ќе овозможи побрза администрација и заштеда на јавни средства.

error: Содржината е заштитена од копирање !!