MKinformer

your daily dose of news

ГРОМ ја започна кампањата за локални избори: Трајановски и Јакимовски заедно од мостот на Љубљанска

29/09/2025 15:11

Кандидатите за градоначалници од партијата ГРОМ и Коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски за Град Скопје и актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, денеска заедно ја започнаа кампањата за локалните избори 2025 од мостот на улица Љубљанска, кој повеќе години останува недовршен.

Трајановски истакна дека мостот и целиот град се жртва на партиски интереси.
„Останува денивелацијата на мостот, која е закочена од Владата и Конзервацискиот центар, бидејќи не е добиено одобрение за потврда дека на трасата нема археолошки наоѓања. Градот Скопје посветено работеше на овој проект, но политички препреки го спречија неговото завршување“, рече Трајановски. Тој нагласи дека мостот во иднина ќе го растерети сообраќајот од Сарај, Ѓорче Петров и централното градско подрачје кон Карпош и ќе овозможи полесен пристап до западниот дел на градот.

Јакимовски додаде дека оваа собраќајница ќе го олесни движењето за граѓаните од Карпош и околните населби, но дека процедурите мора да се завршат и партискиот инает да се тргне на страна. „Апелирам до граѓаните да гласаат за советници кои ќе решаваат проблеми, а не за оние кои создаваат дополнителни пречки. Партиските интереси го упропастија градот, а Македонија останува на опашката на напредокот во регионот“, рече Јакимовски.

Двајцата кандидати заедно упатија порака дека инфраструктурните проекти, како мостот на Љубљанска и реконструкцијата на парковите, треба да бидат во интерес на граѓаните, а не жртва на партиски игри. Кампањата официјално започна, а кандидатите најавија низа средби и настани со граѓаните низ Скопје и Општина Карпош.

error: Содржината е заштитена од копирање !!