MKinformer

your daily dose of news

Прв снег на Шар Планина, во Дебарскиот регион, апел за внимателно возење поради одрони

02/10/2025 11:04

По обилните врнежи од дожд, кои сè уште се присутни во пониските делови на поширокиот дебарски регион, во повисоките населени места како Лазарополе, Броштица, подрачјето на Горна Жупа и селото Татар Елевци над градот, паднаа и првите снежни врнежи.

Иако сообраќајот се одвива непречено, надлежните предупредуваат на претпазливост поради влажните коловози и појава на помали, но чести одрони.

„На патиштата под наша надлежност регистрираме почести одрони од камен. Со оглед на влажноста на коловозите и можноста за појава на поголеми одрони, што е карактеристично за овој регион, апелираме на многу внимателно возење и строго почитување на сообраќајната сигнализација. Нашите екипи се постојано на терен за навремено расчистување и непречено одвивање на сообраќајот“, изјавија за МИА од дебарската секција на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта.

Од таму додаваат дека иако зимскиот режим на работа формално почнува на 5 ноември, тие веќе се целосно подготвени за интервенции. Под нивна надлежност се повеќе од 110 километри патишта, меѓу кои делниците Дебар – Жировница (кон Маврово), Дебар – Глобочица (кон Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата во Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

Според експертите, врнежите од дожд ќе имаат позитивен ефект, бидејќи ќе го зголемат дотекот на реките и потоците во регионот, што ќе придонесе за зголемување на водостојот на акумулацијата „Дебарско Езеро“ на ХЕЦ „Шпилје“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!